Wednesday, June 29, 2016

Пет совети за здрав начин на исхрана


Грижата за вашето здравје започнува од вашата кујна и тоа од основните намирници. Без разлика на брзиот начин на живот, во овој текст, ќе ви дадеме пет совети за здрав начин на исхрана. Единствениот услов за нивна примена е вашата желба за здрава исхрана.

1. Авокадо наместо мајонез
Наредниот пат кога ќе правите сендвич, наместо мајонез ставете авокадо. Од авокадото ќе имате многу повеќе здравствени придобивки, отколку од било кој мајонез.

2. Интегрален леб наместо бел леб
Белиот леб уште денес заменете го со интегрален леб. Доколку сте во можност пригответе леб во домашни услови. Користете црно, интегрално или брашно од хељда.

3. Кафеав ориз наместо бел ориз
Кафеавиот ориз има повеќе диететски влакна, повеќе протеини и воопшто повеќе здрави хранливи материи од белиот ориз. Белиот ориз се само „празни калории“ со многу малку хранливи материи.

4. Козјо млеко наместо кравјо
Козјото млеко е одличен извор на протеини, содржи помалку шеќер (лактоза), 13% повеќе калциум, 25% повеќе витамин Б6, 47% повеќе витамин А и 134% повеќе калиум. Ви треба причина повеќе за веднаш да го замените кравјото со козјо млеко?

5. Киснете го овошјето и зеленчукот
Доколку овошјето и зеленчукот не се од органско потекло, пред да го консумирате киснете го со сода бикарбона. Во длабока чинија ставете го исечканото овошје или зеленчук, ставете вода доволно да го покрие и ставете пола супена лажица сода бикарбона. Оставете го околу 30 минути, а потоа измијте го со вода.

Tuesday, June 28, 2016

Најбрзиот безглутенски појадок



Време на подготовка: 5 минути
Време на готвење: 10 минути
Порции: 4

Состојки:
500 мл. ладна вода
4 лажици овесна каша
4 лажици кокосово брашно
Стевиа или мед
Овошје по избор

Подготовка:
Во пола литар ладна вода ставете 4 лажици овесна каша и 4 лажици кокосово брашно. Мешајте додека не добиете компактна смеса. Потоа истата ставете ја на рингла и со постојано мешање, чекајте да зоврие. Намалете ја температурата и варете ја густата смеса 10 минути. По вкус додадете стевиа или мед. Овошјето, по ваш избор, блендирано додадете го во смесата и рачно измешајте.

Нашиот избор на овошје за денес е цреша.

Пријатен појадок,
ИмуноКујна

Monday, June 27, 2016

Шампионот помеѓу житариците - нектар на животот



Вашиот организам ќе ви биде благодарен ако почесто го конзумирате овесот. Со негово често користење внесуваме мал број на калории, кои се значајни за намалување и одржување на телесната маса. Исто така содржи многу диететски влакна кои помагаат за редовно чистење на организмот, како и протеини,железо, магнезиум, калиум, цинк, бакар, манган, селен,тиамин, витамин Е и во завидни количини има калиумови соли, скроб и шеќер.

Како резултат на темелни истаржувања, денес овесот доживува вистинска ренесанса. Тој станал еден од најбараните извори на енергија и нутритиенти и вистинска природна ризница на многу важни соединенија. Овесот може да се јаде сиров, варен, печен, солен или засладен.Чинија овесна каша за доручек му ги дава на организмот сите потребни сосотојки. Всушност, може да се јаде во било кое време на денот, подготвен на безброј начини.

Овесот посебно се препорачува на слаби и уморни луѓе, на жени после раѓање, како и на особи кои се изложени на физички и психички напор. Овесот го подобрува квалитетот на забите и коските и поради тоа се препорачува за деца. Тој се користи и за зајакнување на мускулната маса кај возрасните, но и за постигнување на баланс на хормоналната слика кај жените во менопауза.

Исто така тој е многу моќно средство за јакнење на нервниот систем. Овесот се препорачува на сите кои патат од несоница, психички замор, анксиозност и депресија.

Овесот е лесно сварлива житарица, па затоа често им се препорачува на лицата со проблеми со варењето на храната, при желудочни заболувања и болести на цревата. Овесот помага и при разни воспалителни процеси, како при воспаление на дишните патишта и друго.

Со редовно консумирање на овес во исхраната, односно со спроведување на т.н. овесна терапија подолго време, доаѓа до намалување на нивото на шеќерот во крвта.

Никогаш не ја истурајте водата во која сте го вареле овесот. Од истата можете да подготвите зеленчукова супа или пак со додатоци од мед или малтекс и цимет може да се направи топол или ладен напиток. Во неа се наоѓаат многу корисни состојки кои се од големо значење за организмот.

Овесот треба да се користи во секојдневната исхрана, бидејќи го чува здравјето на организмот и ги зајакнува неговите природни одбранбени механизми.

Saturday, June 25, 2016

Американски палачинки од кокосово брашно


Време на подготовка: 5 минути
Време на готвење: 15 минути
Порции: 2

Состојки:
2 јајца
1 лажица кокосово масло
3-4 лажици кокосово брашно
1-2 лажици органско интегрално брашно
Млеко по потреба

*Во зависност од големината на јајцата, дозата на брашно може да се зголеми или намали. 
*За да се постигне саканата густина на тестото, може да се додаде мала количина млеко (од бадем, овес итн...)

Подготовка:
Изматете ги јајцата. Во изматените јајца додадете го кокосовото масло, кокосовото брашно и интегралното брашно. Мешајте додека не добиете компактна смеса. Доколку смесата е многу густа, додадете 1-2 лажици млеко.

На загреана тава ставете тенок слој на кокосово масло и со помош на лажица ставете од густата смеса во тавчето. Налевајте во едно место и распоредете ја смесата за да добие кружна форма, со дијаметар од 10 до 15 cm. 

Печете ги палачинките додека не добијат златно-кафеава боја, а потоа превртете ги на другата страна.


Наредете пет или помалку (по ваша желба) палачинки една врз друга. Можете да ставите овошје по избор и да ги прелиете со домашно слатко.

Friday, June 24, 2016

Кокосово брашно за јакнење на имунитетот


Кокосовото брашно се прави од исушената кокосова пулпа. Содржи многу хранливи состојки и затоа треба колку што може побрзо да се внесе во исхраната. 

Кокосовото брашно е доста калорично - 100 гр. брашно содржи 482 калории, но ова брашно нема да ве згои, напротив може да ви помогне да ја одржите килажата или да ја намалите.
Калориите во ова брашно доаѓаат од мастите кои лесно се апсорбираат во организмот и не се претвараат во масно ткиво. 

Тоа не содржи глутен и е богато со протеини, па од овие причини се користи во различни диети. Посебно е присутно во диетите каде отсуствуваат јаглените хидрати. 

Како да го користите кокосовото брашно?

Истото е погодно да се користи во рецепти за подготвување на колачи поради тоа што има благ вкус, но можете да го користите и во сосови и преливи со слатко-кисел вкус, во подготовка на пире од зеленчук и др.

Брашното од кокос е густо и суво во споредба со брашната од житата и ги нема истите особини како другите брашна, затоа него можете да го користите во сооднос  1: 1/2 или 1/4, односно на 1 чаша течност се става 1/2 или 1/4.

Препорачливо е брашното почесто да го употребувате во вашата кујна бидејќи е богато со протеини, витамини, масти, диететски влакна и минерали од кои најважен е манганот кој позитивно делува на нервниот систем и коските. Освен тоа содржи и лауринска киселина која помага во регулирање на хормоните на тироидната жлезда, како и јакнење на имунитетот и одржување на кожата.

Thursday, June 23, 2016

8 придобивки од консумирање бадем


Иако е сместен во групата на јаткасти плодови, бадемот всушност е член на групата костенести овошја.

Здравствените бенефити од бадемот се големи. Најчесто се користи како здравствено решение за олеснување на респираторни проблеми, кашлица, срцеви проблеми, анемија, импотенција и дијабетес. Исто така помага и во одржувањето на здрава коса, кожа и усна шуплина.

Овој јаткаст плод е богат со витамин Е, калциум, фосфор, ирон и магнезиум. Исто така содржи и цинк, селен и бакар.

Бадемот е познат по својата нутрициска вредност и убавиот вкус, па како таков е вклучен во многу диети. Во продолжение ќе ви претставиме осум научно докажани бенефити од конзумирањето на бадеми.

1. Бадемот е извор на многу хранливи материи кои помагаат во развивањето на мозокот. Бадемот се смета за есенцијална храна во растењето на децата. Тој  содржи две хранливи материи потребни за мозокот – рибофлавин и Л-карнитин, кои се основа за покренување на активноста на мозокот.

2. Бадемот е баланс за виталноста и здравственото ниво на холестеролот и редукција на лошиот холестерол.

3. Фосфорот, кој бадемот го содржи во големи количини, има влијание на силата и издржливоста на коските и забите. Исто така е превенција и за остеопороза.

4. Витаминот Е е ефективен антиоксидант и го намалува ризикот од срцеви болести, додека магнезиумот помага за отстранувањето на ризикот од срцев удар.

5. Бадемот го зајакнува вашиот имунолошки систем и го намалува ризикот од болести. Ја зголемува енергијата во текот на денот, па неколку бадеми ќе ви дадат сила и енергија.

6. Млекото од Бадем, без шеќер се користи и во процесот на губење на тежина. Здравите масти го заситуваат апетитот и превентираат прејадување. Истражувањата потврдуваат дека луѓето кои конзумираат бадеми, барем два пати неделно, се чекор понапред до идеалната тежина, од оние кои не конзумираат бадеми воопшто.

7. Бадемот се препорачува и во редуцирање на ризикот од Алцхајмерова болест.


8. Бенефитите на бадемот во областа на нега на кожата се добро познати и маслото од бадем се препорачува за масажа на бебиња.

Tuesday, June 21, 2016

Рецепт за мајонез од бадеми



Време на подготовка: 15 минути

Состојки:
1 шолја лупени бадеми
1 шолја вода
1 цеден лимон
1 супена лажица јаболков оцет
1 кафена лажица сенф
2 кафени лажици сол
1 шолја ладно цедено масло

Подготовка:
Во мал сад загрејте вода. Кога водата ќе зоврие, ставете ги сировите бадеми да се варат. Кога ќе бидат сварени извадете ги и измијте ги со ладна вода. Ставете ги на хартија да се исушат и потоа еден по еден, извадете ја лушпата.

Ставете ги сварените бадеми, водата, сокот од лимон, јаболковиот оцет и сенфот во блендер. Додадете сол по вкус. Блендирајте околу минута, а потоа полека додавајте го ладно цеденото масло.

Мајонезот од бадеми со сигурност ќе биде Вашата омилена закуска!


Уживајте!

Кој зеленчук ќе ве спаси од летните горештини?




Летото е период во кој треба да се користи храна со активна, експанзивна енергија. Зеленчук како блитва, зелје, кељ, зелка, спанаќ, тиквички, пченка и локално и сезонско овошје – цреша, јагода, малина, диња, праска, кајсија и многу други треба да бидат на Вашата листа на исхрана. За време на летото природно користиме едноставни начини на готвење, како на пример на пареа, кратко пржење кое бара помалку време или подготвуваме свежи салати.  Салатите од житарици, тестенини, мешунки и зеленчук се препорачуваат често да се користат.

На високи температури, со потењето често се губат минерали. Разладувачки ефект може да се добие со лесно и временски кратко варење на продуктите и намалена употреба на сол и други зачини. Често може да се користат и да се служат мали количини на овошно желе, пивтија од зеленчук, а повеќе да се конзумираат овошни салати, лубеници и краставици кои имаат освежувачки ефект, доколку истите умерено се конзумираат.

Можеби сте мислеле дека за краставицата знаете се, но доколку го прочитате овој текст, ќе видите дека ова е прекрасен летен зеленчук кој ни нуди повеќе од она што вообичаено му се препишува. Необично е богата со витамини и минерали. Краставицата ги содржи витамините: B1, B2, B3, B5, содржи фолна киселина, Витамин Ц, како и минерали - калциум, железо, магнезиум, фосфор, калиум и цинк.

Освен витамини и минерали, краставицата во својот состав има и вода и тоа 95%. Краставицата со витамините, електролитите и шеќерите ги надоместува есенцијалните нутриенти, кои му се потребни на вашиот организам.

Краставицата многу често се користи и за разубавување и разладување на кожата, за намалување на отоци на лицето и за освежување на здивот. Таа се вбројува во еден од најпопуларните зеленчуци, кои се користат во козметиката.

За освежување и детоксикација на вашиот организам во топлите денови, ви препорачуваме да конзумирате вода со краставица, ѓумбир, лимон и нане.

Во продолжение можете да прочитате како да ја подготвите познатата „Саси вода“:

Свежата краставица и коренот од ѓумбир исецкајте ги на коцки и ставете ги во поголем сад. Додадете осум чаши вода. Потоа ставете го и лимонот, пресечен на половина, и неколку свежи листови од нане.

Оставете ја смесата да стои во фрижидер во текот на ноќта и наредното утро започнете со консумација, чаша по чаша, од утрото до ноќта.

Monday, June 20, 2016

Безглутенска проја


Време на подготовка: 10 минути
Време на готвење: 20 минути
Порции: 4
Состојки:
1 Jајце
400 мл. минерална вода
2 лажици зејтин
300 гр. пченкарно брашно
200 гр. оризово брашно
100 гр. брашно од хељда
1 лажица сок од лимон
1 страк праз
3 моркови
Сол
1 лажица сусам
Пола кафена лажичка сода бикарбона

Подготовка:
Во сад се мати јајцето со миксер. Кога ќе се измати се додава 400 мл. Минерална вода и две лажици зејтин. Потоа продолжувате со рачно мешање на смесата. Ги додавате едно по едно пченкарното брашно, брашното од ориз и брашното од хељда. Кога ќе добиете компактна смеса со средна густина, го додавате сокот од лимон, исецканиот праз и изренданиот морков. По вкус се додава сол. Пред да ја ставите смесата во тава за печење, додавате сусам и сода бикарбона.
Смесата се поставува на хартија за печење во тава, се распоредува и се пече 20 минути на 200 степени.
Сервирајте ја пројата со чаша кефир и уживајте!

                                                                                                                 Copyright © 2016 ImmunoKitchen. All Rights Reserved.



Sunday, June 19, 2016

Sunshine lactose-free smoothie/ Утринско смуди без лактоза


Time for preparation: 5 minutes
Ingredients: 
Almonds
Banana
Cherries
Apple
Pumpkin seeds

Directions: 
Mix all together in a blender. Add two cups of water and blend.

Enjoy your morning smoothie, 
ImmunoKitchen
_______________________________________________________
Време на подготовка: 5 минути
Состојки:
Бадеми
Банана
Цреши
Јаболко
Семки од тиква

Подготовка:
Во блендер ставете ги сите состојки, додадете две чаши вода и блендирајте.

Уживајте во утринското смуди,
ИмуноКујна