Имуно тавата во слатко-кисел сос е најновата иновација на ИмуноКујна, инспирирана од традиционалната турлитава. Совршената комбинација на зеленчук и овошје, во која додадовме наут и грав, ја зачинивме со традиционалниот кинески слатко-кисел сос. За кратко време на подготовка, со продукти достапни на нашиот пазар, можете да ја консумирате како засебен оброк или како додаток на риба или месо.
Време на подготовка: 15 минути
Време на готвење: 10 минути
Порции: 4
Состојки:
300 гр. варен наут
300 гр. варен црвен грав
1 страк праз
1 зелена пиперка
1 црвена пиперка
2 моркови
1 круша
1 праска
1 цеден лимон
1 лажица јаболков оцет
1 лажица мед
Масло за готвење
Морска сол
Бадеми и семки од тиква
Подготовка:
Во тава за пржење, ставете малку масло. Кога ќе се загрее, ставете го празот и запржете го. Потоа додадете ги исецканите пиперки. Морковите, исечкани на ленти со помош на нож за лупење, додадете ги и кратко пржете ги состојките. Додадете ги цедениот лимон и медот.
Овошјето, претходно исецкано на коцки, се додава во тавата и се пропржува со останатите состојки.
Додадете ги наутот и црвениот грав, претходно измиени и исцедени од водата.
Пржете уште една до две минути, за спојување на вкусовите и додадете сол по вкус.
Доколку сакате Имуно тавата да има пикантен вкус, додадете ѓумбир и чили во прав.
Сервирајте со печени и лупени бадеми и печени семки од тиква.
Copyright © 2016 ImmunoKitchen. All Rights
Reserved.
No comments:
Post a Comment