Thursday, July 7, 2016

Подобро разбирање на метаболизмот - втор дел


Секојдневно слушаме и зборуваме за метаболизмот како да е нешто што можеме лесно да го управуваме со некаква пилула или со зелен чај или со трчање – џогирање. Секојдневно и гледаме наслови во медиуми „Како да го забрзате метаболизмот“ или „Пробајте ја оваа диета за забрзување на метаболизмот и намалете ја тежината“.
Но, реално, многу малку е познато во широката јавност за вистината за метаболизмот, ова уште повеќе што и науката нема до крај расчистено со одредени аспекти на овој, до некаде и мистериозен биолошки процес.
Во првиот дел презентиравме три факти за подобро разбирање на метаболизмот (http://immunokitchen.blogspot.mk/2016/07/blog-post_74.html), а во вториот дел ќе ви презентираме уште неколку факти кои ќе ви помогнат подобро да го разберете метаболизмот и како да размислувате во врска со него во насока на намалување или зголемување на тежина и одржување на здравјето.

Стареењето го забавува метаболизмот

Овој ефект настапува постепено, дури и ако имате исто ниво на маснотии и мускулна маса, па така на 60 години ќе согорувате помалку калории отколку на 20 години. Ова намалување почнува да се случува уште од осумнаесеттата година.

Не можете да го забрзате метаболизмот за да губите тежина

Има доста фама околу забрзување на метаболизмот и слабеење со вежбање за да направите поголема мускулна маса, јадење на различна храна или земање на додатоци на исхраната, но всушност забрзувањето многу тешко се постигнува. Точно е дека одредени видови храна, како кафе, чили или некои зачини може да го забрзаат метаболизмот, оваа промена е толку мала и краткотрајна што не може да има никакво влијание на вашиот струк. Градењето на поголема мускулна маса, пак, може да има подобар ефект, затоа што една од причините кои влијаат на метаболизмот е количината на мускулна маса која ја имате, односно, што повеќе мускулна маса, а помалку маснотии, побрз метаболизам. Трикот е во тоа што, ако успеете да ја зголемите мускулната маса, а да ги намалите маснотиите, автоматски, телото ќе има потреба од повеќе енергија, затоа што мускулната маса троши повеќе енергија при одморање отколку маснотиите. Тогаш, ќе се појави проблемот на противење на природната тенденција да имате потреба да јадете повеќе како резултат на забрзаниот метаболизам. Токму затоа, многу е битен изборот на храна, како и кога и на кој начин ја внесуваме.

Диетите може да го забават метаболизмот

Додека е екстремно тешко да се забрза метаболизмот, има начини како да се забави, како на пример драстични програми за намалување на тежината. Со години, истражувањата бележат феномен кој се нарекува „метаболична адаптација“ односно како што се намалува тежината, така основниот метаболизам се намалува. Да бидеме на јасно, логично е дека со намалување на тежината, се намалува мускулната маса и вкупниот обем на телото, па потребно му е помалку енергија за да се одржува. Но, овде станува збор за намалување на метаболизмот на ниво многу пониско од очекуваното за новата, намалена, тежина.

Побавен метаболизам не значи дека одржувањето на пониска тежина е залудно

Во просек, 15% од луѓето успеваат да изгубат 10% или повеќе од телесната тежина и да го задржат тоа ниво. Што значи дека, губењето на тежина е возможно. Докторите препорачуваат дека клучот е пронаоѓање на соодветната промена на животниот стил која треба да биде долготрајна и имање на поглед кон таа промена како на реална потреба за долг и здрав живот. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои успешно ја намалиле тежината имаат три заеднички работи: 1. се мерат најмалку еднаш неделно (будно ја следат промената), 2. вежбаат редовно во различни активности со најразличен интензитет, а најчесто се сретнува пешачењето како активност и 3. го ограничуваат внесот на калории, избегнуваат храна со многу маснотии и внимаваат на големината на порциите. Овие луѓе, исто така и појадуваат. Што се однесува до изборот на храна, тој многу варира и всушност се сведува на пронаоѓање на тоа што на секому му одговара.


Целта на ИмуноКујна е да ви понудиме широк избор на здрава храна и да ви овозможиме да изберете што е добро за вас. Тоа што го нудиме како состојки и рецепти е докажано одличен избор за здрав начин на живот кој ако премине во животен стил на долг рок ќе има видливи и трајни подобрувања на здравјето во целост. Изборот на стилот на живеење е личен избор кој зависи само од нас и од никој друг. За да се промениме на подобро треба само силно да го сакаме тоа. Храната која ја внесуваме е основниот и главен фактор за подобро здравје и подобро „јас“.

No comments:

Post a Comment